За денот на државноста на Република Македонија 8-ми септември, авторките на првите буквари за предметот „Македонски јазик со елементи на националната култура'' – Блага Панева и Јадранка Клисарова го посетија Националниот совет на македонското национално малцинство во Панчево. Гостите ги пречека претседателот на Националниот совет Борче Величковски, придружуван од соработниците Маре Каранфиловиќ, претседателката на одборот за образование, како и Благоја Соколовски, Добре Трајковски, Симо Најдовски, членови на Советот, директорот на Македонскиот информативен и издавачки центар Виктор Шеќеровски, Зорица Лазаревиќ, Лилјана Лазареска, Jелена Јаќимовски и Сања Арсовска.

На оваа средба претседателот на Советот Борче Величковски на авторките на првите учебници како посебна благодарност им врачи Златни плакети.

                           poseta 2poseta 3

Во мошне конструктивниот разговор истакнато е дека сите активисти на полето на образованието се алки кои го зацврснуваат ланецот и дека улогата на секој, почнувајќи од Националниот совет до активистите на терен, учителите, училиштата, надлежните институции, авторите на учебниците е важна и ја сочинува пазлата во која секој дел мора да биде на своето место за да се постигнуваат резултати.

Блага Панева и Јадранка Клисарова, покрај покојниот Јово Радески, кој беше и прв претседател на македонскиот национален совет, се авторите на првите четири учебници за предметот „Македонски јазик со елементи на националната култура.'' Досега од страна на Заводот за издавање на учебници и Министерството за просвета, наука и технолошки развој се одобрени два учебника за прво и второ одделение а како одлична коинциденција беше веста дека на денот на оваа средба Заводот за издавање на учебници го одобри и учебникот за трето одделение.

На состанокот е договорена понатамошна соработка со авторките на учебниците, како и нивната помош во набавка на учебници за петто до осмо одделение од Република Македонија.  

По состанокот, авторките го посетија и Основното училиште ,,Гоце Делчев'' во Јабука, и Библиотеката во рамките на Домот за култура во Качарево.