Претседателот на Македонскиот национален совет Борче Величковски свечено ги отвори деветтите по ред Денови на македонската култура во Белград, која што ја организира здружението Македониум по повод чествувањето на сесловенските просветители св. Кирил и Методиј.

Манифестацијата, понеделнички ја отвори концертот ,,Заедниците заедно'' на кој што покрај домаќините ансамблот ,,Македониум'' настапија и гостите од Качарево, пеачката група ,,Тоше Проески'' со својот подмладок, пеачката група Исток 10 од Вршац, културно ументичкото друштво ,,Виногради'' од Гудурица, кое што се претстави со неколку македонски кореографии и автентични македонски носии, како и претставниците на хрватското национално малцинство во Белград, друштвото ,,Тин Ујевиќ.'' Концертот го отвори претседателот на македонскиот национален совет Борче Величковски.

Манифестацијата потоа се пресели во установата за култура ,,Стари град'' каде што од ден во ден, во текот на целата недела, се случуваа културни настани и се промовираше македонската уметност, култура и традиција.

,,Македониум'' најпрвин ги угости пет еминентни поети од Скопје, Наташа Сарџовска, Долорес Атанасовска, Снежана Стојчевска, Исток Улчар и Тихомир Јанчовски, кои успешно ги презентираа дострелите на македонската современа поезија, претставувајќи го своето творештво но и потсетувајќи ја публиката на великаните на македоснакта поезија Ацо Шопов, Блаже Конески, Петре Андреевски, Надица Ќулавкова и други. Програмата ја модерираше и водеше младата поетеса од Белград Искра Пенева, а гостите и присутните во името на македонската амбасада во Белград ги поздрави секретарот Марјан Јованоски.

DMK Bg 2

Реномираната ликовна уметничка од Скопје Калина Брајковска на белградската публика и се претстави со својата изложба ,,Позади виножитото.'' Тоа е петта изложба во низа циклуси на творештвото од оваа млада уметница, прикажани во неколку градови во Македонија а ја карактеризираат неоекспресионистички стил, јаки бои и платна со големи димензии.

Изложбата ја отворија Синиша Новески и претставникот на македонската амбасада во Белград Драган Митревски.

Македонските современи краткометражни играни филмови во последните неколку години го освојуваат светот, за што сведочат бројни награди и признанија за македоските глумци, сценаристи, режисери, камермани, продуценти…. На белградскиот ,,Рестл фест'' последните две години наградени се два македонски филма, за најдобар филм и најдобра камера, но како немаше претставници од филмските уметници од Македонија да ги преземат овие признанија, наградените филмови прикажани се и во рамките на ова манифестација, а директорот на Фестивалот Пеѓа Миливојевиќ ги врачи признанијата на вд амбасадорот на македонската амбасада во Белград Александар Поповски, кои ќе ги проследи до наградените, режисерот Никола Поповски и камерманот Димо Попов од Скопје. Прикажаните филмови ,,Последните камбани'' на режисерот Никола Поповски и ,,Борба за смрт'' од режисерката Елеонора Венинова, предизвикаа големо одушевување кај публиката.

И 24 мај, Денот на св.Кирил и Методиј беше одбележан свечено и со богата културно ументичка програма. Претставниците на здружението Македониум учествуваа во полагањето на цвеќе пред споменикот на сесловенските браќа во Белград, а потоа во установата за култура ,,Стари град'' беше одржана свечена академија, која што ја отвори вд амбасаторот Александар Поповски. Ансамблот Македониум ја изведе химната посветена на овој голем празник, додека за ликот и делото на св. Кирил и Метдиј говореше Ангел Онечвски, генерал во пензија и почесен член на здружението Македониум. За тоа како се чествува празникот во Македонија, што он претставува за младите книжевници и какви се врските помеѓу младите книжевници во Србија и Македонија говореше младиот писател Филип Димковски, кој ги запозна присутните и со своето богато поетско творештво. Во културно уметничката програма учествуваше Вероника Богиќ виолинистка, заедно со својата мајка Ана Илијоска Богиќ, а допирот на Македонија на овој настан беше овозможен и преку настапот на пејачката група при културно уметничкото друштво ,,Пере Тошев'' од Прилеп.

На затворањето на овогодинешната манифестација се одржа традиционалната македонска етно вечер, во ресторанот,,Дом војске Србије'' во Белград, каде што гостите уживаа во опуштена атмосфера и одличен штимунг за кој што беше задолжен оркестарот ,,Адреналин'' од Скопје, а имаа прилика и да пробаат од традиционалните специјалитети од македонската национална кујна, подготвени од вештите раце на македониумките.